2 Chronicles 35
1 Јошија ја прослави Пасхата Господова во Ерусалим, и го заклаа пасхалното јагне на четиринаесеттиот ден од првиот месец.
2 И ги насели свештениците по местата нивни и ги поттикнуваше да му служат на домот Господов;
3 и им рече на левитите, посветени на Господ и учители на сите Израелци: поставете го светиот ковчег во храмот, што го изгради Соломон, синот Давидов, цар израелски; нема потреба да го носите на раменици; служете Му сега на Господ, нашиот Бог и на народот Негов Израел;
4 застанете според родовите на своите предци и според родовите свои, како што е заповедано од Давид, царот израелски, и како што е заповедано од синот негов Соломон,
5 стојте во светилиштето, според она како што се распоредени родовите на вашите браќа, синовите народни, според она како што се разделени левитските родови и редови;
6 заколете го пасхалното јагне, осветете се и подгответе го за браќата свои, постапувајќи согласно со Господовото слово преку Мојсеј.
7 И им подари Јошија на синовите народни, на сите, што беа таму, од ситниот добиток јагниња и јариња, сѐ за пасхалната жртва, на број триесет илјади и три илјади вола. Тоа беше од царскиот имот.
8 И началниците негови сесрдно даваа принос за народот, на свештениците и на левитите: Хелкија, Захарија и Јехиил, старешини во Божјиот дом, им дадоа на свештениците за жртва пасхална две илјади и шестотини јагниња и јариња и триста вола;
9 Конанјаху, Шемаја и Натанаил, негови браќа, Ашавија, Јехиил и Јозавад, левитски старешини, им подарија на левитите за пасхална жртва пет илјади овци и петстотини волови.
10 Така се подготви службата, и по царева заповед свештениците застанаа на своите места и левитите според смените свои;
11 го заклаа пасхалното јагне, и свештениците росеа со крвта, што ја земаа од рацете на левитите, а левитите ги дереа кожите;
12 и го распределија определеното за сепаленици, за да го дадат по редовите на татковските родови на синовите народни, за принос на Господ, како што е напишано во Мојсеевата книга. Истото тоа го направија и со воловите.
13 И го испекоа на оган пасхалното јагне, според законот; а свештените жртви ги сварија во котли, грниња и тави, па го раздадоа брзо по сиот народ;
14 потоа приготвија за себе и за свештениците, зашто свештениците, синовите Аронови, беа зафатени со принесувањето сепаленици и масни меса до ноќта; затоа левитите готвеа и за себе и за свештениците, синовите Аронови.
15 А пејачите, синови Асафови, остануваа по местата свои, според наредбите на Давид и Асаф, Еман и Једутун, царевиот јасновидец, а вратарите кај секоја врата: немаше зашто да ја напуштаат службата своја, бидејќи браќата нивни, левитите, готвеа за нив.
16 Така беше распоредена целата служба во тој ден, за да направат Пасха и да принесат сепаленици на Господовиот жртвеник, по заповед на царот Јошија.
17 Така ја празнуваа израелските синови, што беа таму Пасхата во тоа време и празникот Бесквасници во текот на седум дена.
18 Таква Пасха не беше прославувана во Израел од деновите на пророкот Самоил; од израелските цареви ниеден не беше приготвил таква Пасха, каква што направи Јошија, свештениците, левитите и сите Јудејци, и Израелци, кои беа таму, и жителите ерусалимски.
19 Таа Пасха беше прославена во осумнаесеттата година од царувањето на Јошија.
20 По сето тоа, откако Јошија го уреди Божјиот дом, дојде Нехо, египетскиот цар, да се бори на реката Еуфрат кај Каркемиш. Јшија му излезе во пресрет.
21 Нехо испрати кај него пратеници да кажат: „Што има меѓу мене и тебе, царе јудејски? Против тебе сега не сум тргнал, туку против домот со кој имам војна. Бог ми заповеда да брзам; немој да Му се противиш на Бога, Кој е со мене, за да не те погуби.“
22 Но Јошија не го одврати лицето од него, туку се приготви да се бие со него; и не ги послуша зборовите на Нехо, што беа од Бога, туку излезе во бој во долината Мегидо.
23 И стрелците го устрелија царот Јошија, и царот им рече на слугите свои: „Одведете ме, зашто сум тешко ранет.“
24 Слугите негови го симнаа од колата, го качија во друга негова кола и го одведоа во Ерусалим. И тој умре; и беше погребан во гробницата на своите предци. Цела Јудеја и Ерусалим го оплакаа Јошија.
25 Јошија беше оплакан и од Еремија во плачевна песна; него го споменуваа сите пеачи и пејачки во тажачките песни свои, познати и до денес, кои ги предадоа во обичај во Израел; ете, тие се напишани во Книгата на тажачките песни.
26 Другите дела на Јошија и добрините негови, согласни со заповеданото во законот Господов,
27 и неговите дела, први и последни, се опишани во книгата за царевите израелски и јудејски.